Османи: Шар Планина треба да биде прогласена за национален парк

Со своите убавини и богатства, Шар Планина е едно од најзначајните подрачја за зачувување на природата не само во Република Северна Македонија, туку и на регионално и на европско ниво, поради што таа треба да биде прогласена за национален парк.

Ова денеска го истакна заменик претседателот на Владата, Бујар Османи, кој во придружба на неколку амбасадори, претставници на меѓународни организации, градоначалници и други гости ја посетија шарпланинската област Шипковички бачила.

Целта беше да се промовира потребата од заштита на биодиверзитетот. Токму еден од условите што државата треба да ги исполни како идна членка на ЕУ е да ги задоволи пропишаните европски регулативи во врска со зачувување на биодиверзитетот, односно обезбедување степен на заштита на барем 12 проценти од вкупната своја територија.

– Ајде за оваа идеја, за оваа вредност или стандард да одиме чекор понатаму. Ајде да го заштитиме биодиверзитетот на уште поголеми пространства, и да со тоа да бидеме убавиот дел од Европа – рече Османи.

Моментно, нивото на заштитени подрачја во земјава зафаќа околу 9 отсто и токму прогласувањето на овој, шарпланинскиот регион, за национален парк овој процент би пораснал на 12.

Активисти и биолози постојано алармираат за потребата Шара да стане национален парк и со тоа да се спаси од сеча и дивоградби. Но, иако иницијативи за да се направи ова има со години, ниту една не успеа до крај.