Ослободителна пресуда за Савески и Куновски, учесници во протестите против аболицијата

Основниот суд Скопје 1 Скопје постапувајќи по обвинителниот предлог за определување мерка притвор на ОЈО Скопје, ги ослободи од вина обвинетите Здравко Савески и Владимир Куновски.

Двајцата членови на Левица учествуваа во протестите низ Скопје во април 2016 година, кога претседателот Ѓорѓе Иванов аболираше 56 лица главно вклучени во случаите од „бомбите“, по што се роди Шарената револуција. Во жарот на протестите, по одлуката за аболиција, тогаш беше демолирана Канцеларијата на претседателот.

Jавното обвинителство не успеа да докаже дека на ден 13.04.2016 година обвинетите Савески и Куновски со учество во толпа оштетиле или ќе уништеле имот од поголема вредност во смисла на членот 122 став 35 од Кривичниот законик.

Савески на својот Фејсбук профил напиша дека конечно, по две ипол години малтретирање по судови, денес ја дочекал пресудата во, како што вели, политички мотивираниот процес против него, а заради учеството во протестите 2016 година.

„Пресудата е ослободителна. Од срце им благодарам на сите што ми даваа поддршка да истраам. Сепак, голготата речиси сигурно не е завршена. Обвинителката која прво работеше по налог на ВМРО-ДПМНЕ, а сега по налог на СДСМ, има задача што подолго да не’ малтретира, кога веќе е јасно дека нема основа да не’ осудат. Оттука, очекувам жалба од нејзина страна до Апелација и продолжување на голготата. Ама, пак ќе ви го кажам она што го кажав и на почетокот. Дека мене можете да ме скршите – тешко! Можете да ме малтретирате, да, ама дека ќе ме скршите – тешко!“, напиша Савески.