Ослободителна пресуда за прилепскиот активист Стевановски од Шарената револуција

Со ослободителна пресуда финишираше првиот од четирите судски спорови коишто се водат во Основниот суд во Прилеп, против активистот на Шарената револуција, Жарко Стеваноски. Прилепската полиција го товари за сторен прекршок согласно со член 191 од Законот за безбедност на сообраќајот, зашто на асфалтот на улицата точно пред зградата на Општина Прилеп, го пишуваше графитот „Че си лежите“, објави Цивил.

И тогаш кога полицијата едно по друго му ги поднесуваше прекршочните пријави во Основниот суд, Стеваноски, којшто е адвокат по професија тврдеше дека не го сторил прекршокот за којшто го товарат. Улицата за време на протестите беше затворена за сообраќај, а за тоа сведочеа илјадници граѓани.

Во тек се трите други судски спорови, за кои Стеваноски, подеднакво очекува ослободителни пресуди.

„Очекувам да бидат донесени ослободителни пресуди, зашто од изјавата која што ја даде во оваа постапка, заменик командирот на униформираните полициски службеници, неспорно произлезе дека протестите се одржувале на идентичен начин. Се докажа дека сообраќајницата пред општинската зграда во Прилеп беше блокирана за време на протестите и преку неа не се одвиваше никаков сообраќај. А, со тоа се потврди фактот дека во конкретниот случај за време на одржување на протестите сите денови во Прилеп, сообраќајот не би можел да биде загрозен на ниту еден начин“, вели Стеваноски.