Осло во 2019 ќе стане првиот светски главен град без автомобили во центарот

Норвешката престолнина Осло планира целосно да забрани моторни возила во центарот на градот во следните четири години, во обид да го намали загадувањето на воздухот, јавува Ројтерс.

Главните градови, вклучувајќи го Париз, Лондон и Мадрид претходно спроведуваа привремени забрани за автомобили, но ова е првпат да се планира целосна и трајна забрана.

Овој план не е без противници во Норвешка – сопствениците на продавници сметаат дека тој ќе биде штетен за нивните бизниси, но градскиот совет верува дека забраната ќе биде добра за сите граѓани.

„Сакаме центар без автомобили. Сакаме да го подобриме градот за пешаците и за велосипедистите. Тоа ќе биде подобро и за продавниците и за сите“, вели Lan Marie Nguyen Berg, главната лобистка за законот, од Зелената партија на Норвешка.

Градот планира изградба на 60 километри велосипедски патеки во следните четири години, како и сериозни инвестиции во јавниот превоз. Предлагачите на планот велат дека возилата за достава и возилата со кои се превезуваат луѓе со посебни потреби ќе бидат изземени од забраната. Осло има околу 600.000 жители, со речиси 350.000 автомобили, од кои повеќето се надвор од центарот на градот.