Оскаровецот Луис Бакалов вечерва ќе одржи концерт во „Света Софија“

Оскаровецот Луис Бакалов вечерва ќе одржи концерт во црквата „Света Софија“, во рамки на фестивалот „Охридско лето“. Тој, во рамки на проелтот „Трио Бакалов“ ќе настапи заедно со уште двајца исклучителни пијанисти Марко Чампи и Алберто Пицо, со што ќе биде надополнета низата светски пијанисти кои годинава ја збогатија фестивалската програма. На концертната програма се дела од Дебиси, Равел, Пјацола, Скарлати, Мориконе, Гулда, Џакомо, како и дела од самите изведувачи.

Љубителите на филмот композитор Бакалов го препознаваат по филмовите „Џанго“, „Јавач на бурата“, „Цената на моќта“, „Убиј го Бил“ и многу други популарни остварувања на полето на филмската уметност. Во неговата импресивна биографија се впишуваат и номинациите за наградата „Academy Award“ за оригинална партитура – во 1967 година за филмот „The Gospel According to St. Matthew“ и во 1996 година, кога и ја добива наградата за филмот „Il Postino“. Соработувал со голем број значајни режисери. Иако во светот е познат, пред сè, по својата композиторска дејност, Бакалов се истакнува и како пијанист.

За својата изведувачка дејност тој добитник е на многубројни награди на повеќе од 30 национални и меѓународни натпревари по пијано. Настапувал како солист во некои од најпрестижните сали во светот, секогаш предизвикувајќи воодушевување кај светската публика и критика.