Оскаровецот Лудовик Бурс ќе ја компонира музиката за „Јон Вардар против Галаксијата“

Францускиот композитор Лудовик Бурс, најпознат по неговата оригинална музика за филмот „Уметникот“, за која беше награден со Оскар, а доби и Златен Глобус, Бафта, Цезар, Европска филмска награда, како и многу други награди, ќе ја работи музиката за првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“.

Оваа соработка почна минатата недела кога продуцентите од „Линкс Студио“ потпишаа договор со француската компанија „Вил Продуксион“ од Стразбург, за време на најголемиот европски фестивал и пазар за анимирани филмови Анеси, во јужна Франција. Освен со Франција, филмот ќе биде копродукција и со Германија и Украина.

Сценарист и режисер на филмот е Гоце Цветановски.