„Оскарите“ во иднина ќе ги доделува Академија во која ќе има двојно повеќе жени и припадници на малцинствата

Aмериканската академија за филмски уметности и науки (АМПАС) соопшти дека ќе го промени начинот на кој се бираат нејзините членови, со план до 2020 година двојно да се зголеми бројот на жените и припадниците на етничките и расните малцинства во членството на Академијата.

Оваа одлука доаѓа откако отсуството на црни актери меѓу актерите и филмските работници во номинациите за наградата „Оскар“ годинава доби силен публицитет.

„Ќе го водиме овој процес и нема да ја чекаме филмската индустрија да држи чекор. Овие нови мерки на управување и гласање ќе важат веднаш и ние ќе го почнеме процесот на значајно менување на нашиот состав“, изјави претседателката на АМПАС, Cheryl Boone Isaacs. Од АМПАС најавија и дека управниот одбор, кој брои 51 член, ќе се прошири за уште тројца членови. Со новите мерки треба да се обезбеди расен, етнички и родов диверзитет во најценетите филмски награди.

Во низата контроверзи кои ги следат годинешните „Оскари“, актерите Jada Pinkett Smith и нејзиниот сопруг Will Smith, заедно со влијателниот режисер Spike Lee најавија бојкот на церемонијата на доделување на наградите, која ќе се одржи на 28 февруари. Од нив засега нема реакција и не е јасно дали соопштението на Академијата ќе ги натера да ја повлечат одлуката за бојкот.