Оркестар кој од депонија стигна до светска слава

Кога помислувате на оркестар, веројатно замислувате деликатно обработено дрво, месинг и жици. Но еден музички ансамбл, составен од деца, свири на инструменти буквално направени од ѓубре. Тоа е Рециклираниот оркестар од Катеура во Парагвај кои се главни актери во нов документарен филм.

Катеура всушност не е град, туку сиромашна населба сместена покрај депонија, недалеку од главниот град на Парагвај, Асунсион.

Секојдневно на ова место се одложуваат околу 3 милиони тони отпад, а многу семејства преживуваат од пребарување на депонијата и  препродавање на работи кои ги наоѓаат, а децата пропуштаат училиште како би помогнале во таа активност. При силни врнежи, депонијата се поплавува и жителите се движат низ загадена вода.

„Искрено, нема ништо во Катеура. Единствено што имаше – беше дрога“, вели 16-годишната виолинистка Ноелиа Риос.

Нејзината виолина, како и повеќето инструменти во оркестарот, е направен од конзерви, дрвени лажици, и свиткани вилушки. Едно од виолончелата во ансамблот е направено од буре за нафта, држачите на жици се од различен отпад, кујнски алатки, па дури и ѓон од износена штикла. 15-годишниот Тобијас Армоа свири саксофон изработен од олук, растопен бакар, монети, рачки од лажици, конзерви и капачиња од шишиња.

„Дојдов да работам во Катеура како инженер за екологија. Видов дека овде има многу деца и добив идеја да ги учам да свират во моето слободно време“, вели Флавио Чавез, основачот на Рециклираниот оркестар пред 10 години.

Часовите на Чавез станале толку популарни што набрзо дошол до недостиг на донирани инструменти. Го замолил Николас Гомес, талентиран столар во заедницата, да направи нови инструменти за неговата група – од работи најдени на депонијата.

Пред неколку години, оркестарот го привлече вниманието на тимот филмаџии предводени од продуцентот Алехандра Амариља. Таа била свесна дека многу луѓе надвор од Парагвај немале никакви информации за нејзината родна земја, па тимот сакал да ја раскаже приказната.

„Најважно беше да се подигне свеста за прашањата на децата. Единственоста на приказната која ја избрав беше во тоа што содржеше многу силен емотивен дел и беше многу инспиративна“, вели Амариља.

Пред четири години, филмската екипа изработила кратко видео за онлајн кампања за собирање на 175 илјади долари како би направиле долгометражен документарен филм за овој оркестар. Не само што ги собрале парите, туку видеото станало вирално. Од тогаш Рециклираниот оркестар свирел за политичари, монарси, па и пред Папата Францис. Го свират Моцарт, парагвајска фолк музика, дури и Френк Синатра. Биле предгрупа на музички имиња како Стиви Вондер, Металика и Мегадет.

Последниот период голем број деца од Катеура се обидуваат да влезат во оркестарот. Десетгодишната Синтиа Сервин, која свири виолина, вели дека ги гледала постарите девојчиња во ансамблот и видела несекојдневна можност да патува надвор од Парагвај.

„„Сакав да свирам бидејќи изгледаше како тие да уживаат во музиката. Сакав и да посетам други земји“, вели Сервин.

Документарниот филм за Рециклираниот Оркестар наречен „Landfill Harmonic“, ќе почне да се прикажува кон крајов на овој месец.