Еден од оригиналите на „Шиндлеровата листа“, документи кои ги користел германскиот индустријалист Оскар Шиндлер преку кои спасил повеќе од 1200 Евреи за време на Холокаустот, е ставен на продажба. Документот се очекува да достигне цена од 2,4 милиони долари.
Историскиот настан од Втората светска војна е одбележан во роман на Томас Кинели, но, Шиндлеровата листа е уште повеќе позната како инспирација за истоимениот култен филм од 1993 година, во режија на Стивен Спилберг.
„Овој неверојатно редок оригинал на Шиндлеровата листа е единствен кој се појавил на продажба. Постојат уште три други оригинали за кои се знае, два во Јад Вашем и еден во Американскиот музеј на Холокаустот“, стои на сајтот на аукциската куќа „Moments in Time“ кои додаваат дека не може да се замисли попотресна и историска реликвија на Втората светска војна.
Листата е една од само седумтте, колку што се верува дека ги направил Ицак Штерн, сметководителот на Шиндлер. Се работи за документ од 14 страници кој датира од 18 април 1945 година. На него се испишани имиња на 801 мажи Евреи кои работеле во фабриката на Шиндлер во окупираната Чехословачка, кои биле транспортирани во нацистичкиот концентрационен камп во Плашов, во Полска.
„Тоа е комплетната листа на работниците Евреи кои Шиндлер ги спасил од смрт. Листата ја добив од внукот на Ицак Штерн – десната рака на Шиндлер“, рекол Гери Зимет, главниот службеник на аукциската куќа.
И покрај реткоста и значајноста на документот, минималната цена од 2,4 милиони долари е пониска од претходно понудената цена од 3 милиони долари кога последен пат бил објавен на продажба на eBay од 2013 година.
Листата била искористена за да се заштитат работниците ослободени од Шиндлер, додека германските нацисти се повлекувале од истокот и ги затворале најдалечните концентрациони кампови. Оние кои се наоѓале во камповите биле транспортирани на запад, во гасните комори на Аушвиц. Шиндлер кој и претходно користел поткуп за да ги заштити Евреите кои работеле во неговата фабирка за емајлирани производи, го убедил командантот на кампот во Плашов, Амон Гет, да му дозволи да ги транспортира работниците во неговата фабрика.
Оскар Шиндлер го потрошил целото свое богатство на поткупи за да ги заштити неговите работници од гасните комори и во 1963 година добил посебно одликување од Владата на Израел. По неговата смрт во 1974 година, тој бил единствениот поранешен член на Нацистичката партија од Германија, кој бил закопан на Сионска Гора во Ерусалим. Денеска, има повеќе од 8 илјади луѓе потомци на Евреите кои биле спасени од Шиндлер.