Ориентациска недела за бруцоши на ФИНКИ од 26 до 28 септември

Од 26 до 28 септември на Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) ќе се одржи првата ориентациска недела за бруцоши, во организација на Факултетското студентско собрание (ФСС-ФИНКИ). Настанот ќе трае од 13 до 16 часот во просториите на техничкиот кампус, стои во најавата.

Првиот ден од ориентациската недела ќе започне со обраќање од деканот, проф. д-р Боро Јакимовски, кој ќе го отвори настанот, а потоа учесниците ќе имаат можност да се запознаат со некои основни поими од светот на кодирањето со еден од асистентите на факултетот Стефан Андонов.

„Вториот ден од ориентациската недела продолжуваме со темите кои се навидум најстрашни за сите нови студенти, но д-р Димитриевска Ристовска и д-р Михова ќе ни покажат дека се всушност многу интересни и имаат широка примена. Потоа асистентот Војдан Ќорвезироски ќе нè воведе во актуелните предизвици на сајбер-безбедноста, и на крајот студентката Весела Трајкоска ќе сподели свои совети и трикови за студентска пракса“, стои во најавата за настанот за вториот ден.

Третиот ден од ориентациската недела е резервиран за некои од моментално најактуелните полиња во компјутерските науки, велат од ФСС-ФИНКИ.

„Најпрво д-р Кулаков ќе нè запознае со софтверот и хардверот позади роботите кои користат вештачка интелигенција, потоа асистентката Ана Тодоровска ќе зборува за full-stack web development и за крај, д-р Трајанов ќе даде вовед во науката за податоци“, велат организаторите.

Учеството на ориентациската недела е потребно да се пријави на следниов ЛИНК.