Орхус и Пафос престолнини на европската култура во 2017 година

Вториот по големина град во Данска – Орхус и градот Пафос на југозападниот брег на Кипар ќе ја делат титулата „Европска престолнина на културата“ во 2017 година. Ја преземаат од шпанскиот град Сан Себастијан и полскиот Вроцлав кои годинава го славеа европското културно наследство.

Темата за Орхус „Град на културата 2017“ е Rethink (Преиспитување) која, според организаторите, всушност е многу повеќе од само тема. Тоа е ментален склоп. Напреден начин на размислување, за отворено дејствување и мислење, различно и подобро денес од она што сме го имале вчера. Унапредување на развојот на секоја област во општеството која ќе помогне да се обликува заедничка иднина.

Свеченото отворање на Пафос „Град на културата 2017“ е инспирирано од темата Мит и религија и потсетува на Пигмалион и Галатеjа и резултатот на нивната љубов Пафос.

„Тој е веќе уметничко дело откога Галатеја беше статуа што оживеа. Главната цел е поставена: враќање на Пафос како град на креативност и културна продукција. Настанот повторно ќе го стави Пафос на културната мапа како место на креативност и перспектива“, наведуваат организаторите.

Европската комисија секоја година одредува почесен домаќин на овој проект. Традицијата почна во 1985 година, кога Атина беше културна престолнина на стариот континент. Целта е да се промовира чувството на заедништво во ЕУ, но на лауреатот тоа му носи и пари од европските фондови, со што земјите можат да финансираат големи проекти и програми од областа на културата. Критериум за избор е подготвеноста на градот да ги организира случувањата кои траат цела календарска година.

За изборот решава независна меѓународна комисија во Брисел, а одлуката ја носи четири години однапред. Неа ја разгледува и Европскиот парламент, а ја изгласува Советот на Европската унија.

Во 2018 година престолнини на културата во Европа ќе бидат холандскиот град Леуварден и главниот град на Малта, Валета, во 2019 – италијанскиот Матера и бугарскиот град Пловдив, во 2020 Риека во Хрватска и Голвеј во Ирска.