Во галеријата „Акантус“ денеска со почеток од 20 часот ќе биде отворена самостојната изложба на уметникот Орхан Ќамил.
Марина Лешкова, историчар на уметноста, академски ликовен уметник и кустос на оваа изложба вели: „Предизвик е да се запознаеме со Орхан Ќамил и неговиот процес на творење, каде симболите и знаците ги активираат сетилата на реципиентот. Композицијата во делата го доловува моментот, каде бојата ја конституира идејата на чинот на сликање. Просторна димензија на будење на делата од сонот на сопствениот мит и игра со посебна длабочина од која понираат ликови и фигури. Раскажувач на патот на создавањето на делата со надреална атмосфера, со непрочистени слоеви – слој по слој, ги оживува со топли и ладни бои и апликации нанесени хоризонтално и вертикално”.
На оваа изложба ќе бидат преставени триесетина дела на Ќамил во различни техники, графика, акрил на платно, масло на платно, акватинта, акрил на лесонит, акватинта бакропис и други комбинирани техники. Делата претставени на оваа изложба се од различен период од творештво на авторот, од 1998 до 2017 година.
Орхан Ќамил е дипломиран уметник од Кочани, кој учествуваше на повеќе групни изложби во земјата и во Хрватска, Бугарија, Романија… Исто така, работи на театраски проекти во театарот во Штип и театарот на националностите во Скопје.