Туристичко угостителска комора на Македонија бара измени на владината одлука со која се бараат сертификати со вакцини за влез во дел од затворените објекти. Истовремено и од Асоцијацијата на ивент индустријата ИВАП остро реагираат на недоречености во новите мерки за спречување на ширење на Ковид 19.
Така, од туристичко угостителска комора бараат влез во секаков вид на угостителски објект да се дозволи и за лицата кои прележале ковид-19 во изминатите 6 месеци, но и со приложување резултат од негативен PCR тест или антиген тест. На тој начин, сметаат дека повторно се внимава на заштита на здравјето, но се создава дополнителна можност за да не бидат изолирани лицата кои не се вакцинирани, а сепак имаат стекнат имунитет или со тест докажуваат дека не се носители на вирусот.
„Исто така укажуваме и на потребата спроведувањето на мерките и нивното почитување да се прави без исклучоци, бидејќи сме сведоци на ситуации каде во одредени угостителски субјекти континуирано не се почитуваат мерките и препораките, а при тоа не се соочуваат до последици, напротив претставуваат нелојална конкуренција. Покрај тоа што веќе истакнавме дека вработените во угостителските објекти немаат правна надлежност и овластување за барање на документи за, лична идентификација од посетителите, а исто така укажуваме и на опасноста од појава на фалсификувани потврди за вакцинација или за прележан вирус, за кои вработените во угостителските објекти немаат никаква надлежност. Ако инспекциите утврдат таков случај, одговорност треба да се бара од носителот на сертификатот а не од објектот“, велат од Комората.
Притоа упатуваат и дополнителни барањата кои се однесуваат на секторот туризам.
„Во одлуката во која се регулираат новите мерки е дозволено за да се влезе во државата, покрај поседување на сертификат за примена вакцина или потврда за прележан вирус да се одбере и можност 7 дневна изолација. Во овој дел бараме изолацијата да може да биде прекината по приложен негативен тест. Тоа значи дека граѓаните на самите гранични премини да се земат документ за самоизолација, а истата да може да биде прекината со приложување на негативен PCR тест или антиген тест уште во наредните 24 часа. Исто така потребно е во меѓуграничните зони да се воспостави можност за изработка на тестови за ковид-19 кои ќе бидат по достапни цени. За намалување на трошоците на граѓаните добро во мерките да се предвиди можноста за влез во државата со негативен селф-антиген тест, кој може да се купи во аптека“, велат оттаму. Алексова.
Потенцираат дека неопходно е да се земе во превид дека воведувањето на новите мерки и рестрикции значи сериозно ограничување во работата на туристичко-угостителскиот сектор поради што и треба да се планираат економски мерки за поддршка.
Од Асоцијацијата на ивент индустријата критикуваат дека владата носи мерки без консултации со засегнатите сектори.
„Ние како професионалци ги поддржуваме мерките за спречување на ширење на вирусот и се обидуваме да бидеме конструктивни и да се прилагодиме на новонастанатите услови. Но, Владата треба да има предвид дека нашите настани се планираат однапред и дека со ваквиот начин на носење на мерки само дополнителни ни ја усложнуваат и онака тешката ситуација која трае веќе 17 месеци. Замислете, планирате настан со странски гости, сте направиле уплати, и сега одеднаш преку ноќ се носат мерки кои никому не му се јасни“, реагираат од ИВАП
Истовремено бараат и итно допрецизирање на мерките и тоа:
– Дали само посетителите на настан треба да поседуваат потврда за прележан Ковид 19 или вакцинација или се бара за сите вклучени во настанот (технички тим и учесници)?
– Како ќе се третираат настаните што се без влезници, во парк или на плоштад? Дали од секој кој ќе помине на настанот ќе треба да бараме потврда?
– Дали имаме право да легитимираме на влез на настан за проверка на совпаѓање на потврдата и доколку не, кој ќе одговара ако некој прикажал лажна потврда?
– Дали доколку на настанот учествува странец кој до 1 септември може без проблем да влезе во земјата, смее да посети угостителско објект.
– Дали по 1 септември, кога за влез во земјава меѓу другото ќе биде дозволен ПЦР тест, ќе може да се влезе на настан или ресторан со истата потврда или тие гости нема да имаат право на влез?
Исто така, по примерот на другите земји, бараат да се дозволи влез на настани со потврда за негативен ПЦР тест, брзи тестови на влез, вклучително со останатите потврди кои се на сила.