Пораки и барања од организациите за Денот на младите

46% од средношколците испитаници во истражувањето за Социјален капитал на младите немаат средношколска заедница во нивните училишта и не се вклучени во донесувањето одлуки на ниво на нивното училиште, а повеќе од три четвртини од младите не веруваат дека државните функционери се грижат за интересите на младите“, соопштуваат по повод Меѓународниот ден за млади од Младински образовен форум, кој 12 август го одбележува со петдневна Младинска академија во рамки на Проектот за Младинско изразување.

Според истражувањето кое МОФ го спроведе во минатата и оваа година, од организацијата потенцираат дека нешто повеќе од 70% од младите генерално немаат доверба во опкружувањето околу себе – верувајќи дека речиси сите општествени односи се водени од лични интереси.

Меѓународниот ден на младите се одбележува под мотото „Трансформирано образование“, а организацијата Y-PEER упатува апел до донесувачите на одлуки и сите засегнати страни да се стави фокус на инклузивноста не како избор туку како принцип врз кои ќе се гради образованието. Исто така, вклучување на Сеопфатно сексуалано образование во редовното образование.

„Никој да не биде исклучен од пристап до квалитетно образование, поголема примена на врсничката едукација како метод кој покажал дека подобрува многу вештини кај младите, им ги зајакнува капацитетите и знаењето и прави промена во однесувањата, но и вклучување и афирмирање на неформалното образование и врсничката едукација во образовните програми“, соопшти Y-PEER.

Mрежата апелира за обезбедување  на младинското учество во сите овие области и процеси на донесување одлуки, и за унапредување на индивидуалните избори и дејствиа кои овозможуваат подобро образование и едукација за сите со цел никој да не биде изоставен.

Од Гоу Грин по повод Денот на младите потенцираат дека климатските промени и развојот на технологијата наложуваат промени во образовниот систем со цел младите да бидат спремни за пазарот на труд и да можат да се справат со животните предизвици.

„Во таа насока, со зеленото образование ќе се стекнат со вештини потребни за лесна вработливост, а додека пак со карактеристиките на Cvetko Bidi Zelen (интегритет, тимска работа, граѓански активизам и свесно учење) тие стануваат поспремни граѓани кои можат да допринесат за подобро општество.

ХЕРА млади вели дека младите се движечката сила на промените во општествата, моќни партнери во промовирањето на човековите права и развојот, особено кога се едуцирани и вклучени во креирањето на политиките.

„Нашите млади се борат за сеопфатна едукација која е заснована на нивната потреба и право на точни и релевантни информации за сексуалното и репродуктивното здравје и права, ослободени од стигми и табуа. Тие имаат право на трансформативно образование и активно да учествуваат во носењето на одлуките кои влијаат врз нив и квалитетот на нивниот живот“, соопшти ХЕРА млади.

Еко логик потенцира дека во 1999 година, Обединетите нации ја прифатија резолуцијата за активно вклучување на младите во сите политики кои се фактори за нивниот личен, како и општествен.

„Вообичаено во Македонија овој ден се одбележувал преку дискусии, интерактивни работилници, театар на сенки, и слични активности. Епа, еве и ние да ви дадеме еден предлог за одбележување на овој празник – соберете се со вашите друштва, земете ги велосипедите, и да покажеме дека е грижиме за околината, но и за нашето здравје“, објавија од Еко логик.

Б.Ш.