Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, победи во вториот круг од локалните избори за градоначалник на Скопје.
Според речиси конечните резултати на Државната изборна комисија, по преброени 98,83 отсто од гласовите, Ѓорѓиевски освои 94.375, наспроти Амар Мециновиќ од Левица, кој доби поддршка од 60.128.
Иако победата на Ѓорѓиевски е со значителна разлика, бројот на освоени гласови е помал од оној со кој победи градоначалничката Данела Арсовска во 2021 година, кога беше поддржана токму од ВМРО-ДПМНЕ. Арсовска тогаш освои 118.749 гласови.
Бројот на неважечки ливчиња во вториот круг е 10.235.
Споредено со првиот изборен круг, Ѓорѓиевски овој пат стагнираше, односно ја зголеми својата поддршка за помалку од три илјади гласови, откако тогаш освои 91.663. Од друга страна, Мециновиќ го дуплираше бројот на гласови во вториот круг, откако во првиот за него гласаа 30.665 граѓани.
Размерот на победата на Ѓорѓиевски е отприлика 1,58:1, што покажува дека пораките на Мециновиќ резонирале кај огромен дел скопјани, особено кај помладите гласачи.
Во Град Скопје се регистрирани 474.304 гласачи.
Во однос на цела Македонија, резултатите од вториот круг на изборите се надоврзаа на гласањето од пред две недели. Во загрижувачки мала излезност од 40-ина отсто кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ добија уште дузина градоначалнички места и тоа оние во коишто стави најголем влог – во скопски Карпош, во Кичево и во Брвеница.
Со скоро целосен број избројани гласови, се чини дека освојува 21 општина и Градот Скопје, од вкупно 33 општини каде што се гласаше на 2 ноември.
ВМРО-ДПМНЕ победува и во Аеродром, Валандово, Виница, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Кичево, Конче, Крушево, Лозово, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Чешиново Облешево и Чучер Сандево.
Во Кочани, градот кој живее под печатот на големата трагедија од импровизираната дискотека „Пулс“, граѓаните ја дадоа поддршката исто така на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ доби уште три општини, а неколку нивни кандидати загубија и онаму каде што водеа по првиот круг, како на пример Крушево. Социјалдемократите добија старо-нов градоначалник во Центар, а победија и во две други мали општини – Македонска Каменица и Зрновци.
ВРЕДИ победува во Боговиње, Дебар, Долнени и Тетово.
ДУИ во Студеничани, ЗНАМ во Куманово, Унијата на Роми во Шуто Оризари и независен кандидат во Струга.
Со ова, колицијата на власт, ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ имаат речиси апсолутна власт во целата држава, на сите нивоа. Веќе нема да може да бараат оправдувања дека во Скопје или во другите градови политичките противници може да ги блокираат политиките на централната власт.
Бојан Шашевски



