Orbital повторно се распаднаа, Paul Hartnoll најави нов соло албум

Orbital повторно се распаднаа, Paul Hartnoll најави нов соло албум

Култниот британски електронски бенд Orbital, составен од браќата Phil и Paul Hartnoll, по 25 години постоење најави конечен престанок со работа, откако во 2008 се реоформи. Бендот во последните години имаше многу успеси, меѓу кои настапот на Параолимписките игри во Лондон и појавувањето заедно со професорот Stephen Hawking, распродадени светски турнеи и настапи како главни ѕвезди на најголемите фестивали, а во овој период го издаде и албумот „Wonky“.

 

„Имавме неколку одлични години од 2008, но дојде време да продолжиме по своите посебни патишта“, изјави Paul Hartnoll

Во исто време, тој го најави својот нов соло-проект, албумот „8:58“’, којшто е веќе снимен, а ќе биде издаден на 16 февруари.  Заедно со ова, Paul ја најави и турнејата на која ќе биде претставен албумот, за која билетите за фановите ќе се пуштат во претпродажба од 24 октомври, на специјалната веб-страница.

Насловниот сингл од новиот албум, ‘8:58’ ќе биде достапна за слободно преземање, а изданието се опишува како „денс-плоча за умот“. Албумот ја претставува фасцинацијата на авторот со феноменот на времето.

„Отсекогаш сум ги сакал часовниците и сум се интересирал за времето како моќна сила, но и за начинот на кој тоа те ограничува. Тоа е една од оние работи на кои постојано се навраќам. За мене, 8:58 е момент на избор. Речиси е 9 часот. Одиш ли на училиште? Одиш ли на работа која ја мразиш? Секој се соочува со таа одлука одвреме-навреме. 8:58 е кога мораш да се одлучиш“, вели Paul Hartnoll.