Орбан го повлекува предлог-законот за оданочување на Интернет

Унгарскиот премиер Виктор Орбан најави дека ќе го повлече предлог-законот за оданочување на Интернет, што предизвика бурни протести во земјата.

„Данокот не може да биде воведен во неговата сегашна форма“, рече Орбан денеска во интервју за државното радио.

Предложениот закон беше дочекан со бројни критики од опозицијата, како нов обид за задушување на слободите. По првиот протест на крајот на минатата седмица, неколку десетици илјади лица протестираа и во неделата вечерта во Будимпешта.

Пред премиерот Орбан да прогласи повлекување на предлогот, од неговата партија се обидоа безуспешно да ги смират демонстрантите со ветување дека данокот ќе биде околу две евра месечно за приватни корисници. Новиот закон, кој требаше да се гласа во Парламентот на 17 ноември, беше остро критикуван и од ЕК.