Oпштините во Полог формираа заедничко одделение за справување со ризици од катастрофи

За прв пат во Македонија се формираше административно меѓуопштинско тело кое заеднички ќе се справува со управување на водите, ризиците од поплави и други видови природни непогоди.

Договорот за основање на заедничкото одделение го потпишаа градоначалниците од Полошкиот регион и оваа активност е во рамки на проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот регион“, финансиран од Швајцарската влада, спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Од амбасадата на Швајцарија посочуваат дека поплавите во Полошкиот регион однесоа човечки животи и материјални штети.

„Препознавајќи ја важноста на градење отпорност кон поплави во овој регион, Швајцарија инвестира над 12 милиони швајцарски франци во намалување на ризиците од поплави и подобрување на отпорноста со што ќе придонесат кон одржливост и инклузивен развој на подолг рок. Еден од најважните начини за подобрување на отпорноста е градење на меѓуопштинска соработка во насока на зајакнување на капацитетите и зајакнување на соработката  и партнерството. Бидејќи поплавите не запираат на границата на една општина, ефикасна координација на надлежните институции, граѓанскиот сектор, приватниот сектор и медиумите на локално, регионално и национално ниво се од клучно значење за справување со ризиците поврзани со климатските промени и за намалување на катастрофите предизвикани од поплави“, соопшти Амбасадата на Швајцарија.

Сања Бојаниќ, заменичка на постојаниот претставник на УНДП, нагласи дека формирањето на заедничко меѓуопштинско тело кое ќе се справува со ризиците од поплави на интегриран начин со заедничка администрација е за прв пат во земјата.

„Затоа, со право можам да кажам дека овој акт со кој УНДП, заедно со донаторот Швајцарската влада, и во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање ги опфатија сите девет општини од полошкиот регион, има еден вид историско значење во начинот на справувањето со ризиците од поплави и други природни непогоди. Ниту една општина сама не може да се бори со поплавите или друг вид непогоди“, изјави Бојаниќ.

Илбер Мирта, Раководител на сектор за води во Министерството за животна средина и просторно планирање, посочи дека проектот претставува најдобар доказ дека со заеднички сили секогаш можеме максимално да ги користиме и да ги заштитиме водите, но и како да се заштитиме од нивното штетно дејство.

„Ова значи дека сите засегнати страни, било тоа да се општини, јавни претпријатија, или други регионални или државни институции, потребно е максимално да се фокусираат на меѓусебната соработка“, рече Мирта.

Административното тело беше одобрено од советите на сите девет општини во регионот, Тетово, Гостивар, Боговиње, Теарце, Врапчиште, Брвеница, Желино, Јегуновце и Маврово-Ростуше, а седиштето на телото ќе биде во Тетово.

Фото: УНДП