Општината Шуто Оризари бара граѓанските организации да не спомнуваат улици со заболени

Во Општината Шуто Оризари има околу 2.000 семејства што се под зголемен социјален ризик поради неможноста да ги извршуваат своите работни дејности, а на дел од нив, локалната самоуправа им дистрибуира пакети со хигиенски средства и храна. Како што соопштија од Кризниот штаб на општината, треба да се разгледаат и донесат посебни мерки, ако има појава на позитивни лица на корона вирусот, онаму каде што нема услови за соодветна самоизолација и домашно лекување. А, доколку се појават вакви случи, локалната самоуправа ќе побара помош и поддршка од Владата, МТСП и Министерството за здравство.

„Апелираме до граѓанските организации да не ја информираат јавноста за заболени по улици, како што е случајот со „Брсјачка буна“. Самото спомнување на улицата кај жителите, каде има над 400 домаќинства, создаде паника и дополнителна стигматизација на дел од лицата кои изминатиов период допатуваа од странство и беа во самоизолација. Кризниот штаб во моментов не располага со официјална информација дека на оваа улица има лица позитивни на Ковид19 и секоја наша информација до јавноста е без спомнување на улиците. Апелираме истото да го следат и оние кои известуваат за случувањата во општината, со уште една напомена за целта на ваквото известување: креирањето на паника помеѓу населението, е најмалку потребна во овој период“, се вели во соопштението од Кризниот штаб.

Реакцијата следува откако вчера невладини организации соопштија дека постои ризик од ширење на корона вирусот во Шуто Оризари, кога беше дијагностицирано лице позитивно на Ковид-19 и три семејства со повеќе членови беа ставени во задолжителна самоизолација. Беше посочено дека тие живеат во една од најзагрозените населби во Општината, на улица „Брсјачка Буна“, во импровизирани живеалишта, без проточна вода, канализација и струја, без можности да ги применат основните мерки за заштита во случај на заболен член од семејството, како што се физичка дистанца, редовно миење на рацете, дезинфекција на површините, носење на заштитни маски и слично.

Извор: Мета