Општина Штип за протестот на средношколците: Се почитува Законот за превоз

„Учениците од другите градови го користат меѓуопштинскиот линиски превоз и навреме се во училиштата“, стои во одговорот на Општина Штип по протестот на средношколците од околните градови.

Тие вчера и денеска го изразија својот револт откако досегашниот бесплатен школски превоз, организиран од приватни превозници, општината им го замени со јавниот меѓуградски превоз.

„Општинскиот превоз на учениците од сите средни училишта не се укинува, туку се почитува Законот за превоз во патниот сообраќај, член 27-б кој вели: Бесплатниот превоз на ученици на подрачјето на две или повеќе општини, каде има утврден возен ред во рамки на меѓуопштински линиски превоз се врши од страна на носителите на дозвола за меѓуопштински линиски превоз“, стои во одговорот на општината.

Сепак, учениците се жалат дека меѓуградските автобуски линии не се прилагодени на наставата, па учениците или доцнат или прерано мора да доаѓаат на училиште. Честопати, велат, нема место за нив во автобусите и се приморани да стојат.

Од Министерството за образование и наука велат дека обврска на општината е да го организира превозот за своите ученици. Додаваат и дека редовно ги префрлаат блок дотациите до општините, кои се користат за покривање на бесплатниот превоз во задолжителното средно образование.

[Фото] Средношколски протест во Штип поради училишниот превоз