Општина Охрид на средби со УНЕСКО бараше решение за колекторскиот систем околу езерото

Градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески заедно со делегација оствари средби со највисокото раководство на УНЕСКО во Париз, а со цел изнаоѓање начини за ревитализација на Колекторскиот систем за заштита на Охридското езеро.

Како што соопштуваат општинарите од Охрид, средбите биле одржани со генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова, како и со Михтелд Рослер, директорката на Одделот за светско наследство на УНЕСКО.

„Во текот на разговорот директорката Рослер беше детално запознаена со резултатите од студијата на ЏАЈКА и во делот на оштетувања на системот и во делот за рехабилитација и надградба на истиот. Претставниците од УНЕСКО активно се вклучија во делот на разгледување на сите аспекти за изнаоѓање на можности и механизми за изнаоѓање на оптимално решение на изложениот приоритет број еден на локалното охридско раководство“, велат од Охрид.

Во вториот централен состанок, според општинарите, Ирина Бокова ја изразила нејзината спремност и јасна определба за лично залагање и лобирање кај одредени моќни меѓународни  финансиски институции, пред се’ и Светска Банка, со цел решавање на, како што велат, едно значајно прашање за уште позначаен град.

На средбата било договорено средбите да продолжат со претставници на УНЕСКО во месец февруари во Охрид.