Општина Карпош: Образовните асистенти добија помала исплата поради техничка административна грешка

Откако триесетина образовни и лични асистенти со писмо до Радио МОФ се пожалија на ненавремени и помали хонорари, сега од Општина Карпош велат дека помала исплата се случила поради техничка административна грешка при трансфер на средствата од УНДП на погрешна сметка.

„Овој пропуст е направен во сите Општини во Градот, но истиот ќе биде уредно реализиран во текот на наредниот месец“, стои на одговорот на Карпош до Радио МОФ.

Според општинарите, веќе во текот на денешниот ден дополнителните средства ќе бидат видливи на нивните трансакциски сметки од Општина Карпош. Дополнуваат и дека договорот со асистентите е бруто 9.000, а нето 7.452 денари, со вклучен данок на личен доход и осигурување.

„Помеѓу нив е склучен Договорот за финансиска поддршка на невработено лице, вклучено во програмата за општинско корисна работа за 2019 година, во рамки на проектот ‘Карпош за еднаквите во училиштата 2019-2020 година’“, дополнуваат од Карпош.

Инаку, образовните и лични асистенти, меѓу другото, во писмото пишаа дека наместо договорените 9.000, за нивната работа добиваат 7.400 денари. Исто така, дека се справуваат со нови предизвици низ процесот, а се трудат на децата да им овозможат подобро образование, социјализација и функционирање во и надвор од училиштето.

„Нè гледаат како најниска класа во оваа општество, а имаме тешка работа која нема пауза, зошто детето никој нема да ти го причува. Со парите не е ниту автобуска карта покриена. Од УНДП кажаа дека парите се префрлени неколку месеци унапред, а Богоев ни даде одговор дека проблемот лежи во сметката која е промената од страна на проектот. Замислете, плата за септември стигна сега пред две недели, а каде е октомври!?“, пишаа асистентите.

Отворено писмо од луѓето што работат како образовни и лични асистенти во Карпош