Општина Карпош: Ниту калкулираме, ниту „купуваме време“ за спорните ДУП-ови

Општинското раководство ниту калкулира ниту „купува време” за спорните ДУП-ови пред Уставниот суд, се вели во реакцијата на Општина Карпош по вчерашното соопштение на О2 Коалиција со кое ги обвинија надлежните дека  свесно го одолговлекуваат процесот на одговор за доставените граѓански иницијативи до Уставниот суд за спорните ДУП-ови.

Од Општина Карпош велат дека инсистираат Судот да се произнесе во рамки на законските рокови уверувајќи дека нема да вршат инситуционални притисоци врз него.

Од Коалицијата се сомневаат во намерите на општината. Во нивната реакција од вчера се вели дека општината го пролонгира носењето на одлуки од страна на Уставниот суд додека во исто време непречено продолжува да се гради и да се издаваат дозволи и други акти кои го овозможуваат тоа.

О2 Коалиција: Купуваат ли Уставниот суд и општина Карпош време за инвеститорите на спорните ДУП-ови?

Од Општината, пак, велат дека немаат намера да даваат „амин“ на криминал и незаконски дејствија.

„Ја користиме и оваа прилика уште еднаш да го повикаме Уставниот суд да се произнесе во врска со оспорените Детални урбанистички планови.

Во интерес на граѓаните и справување со урбанистичкиот хаос, Општина Карпош поднесе докази до Уставниот суд на поднесени иницијативи од страна на граѓани, за ДУП Градска четврт З 06, ДУП Градскачетврт З 05 и ДУП Градска четврт З 04.

Како резултат на изнесени информации во јавноста во врска со иницијативите за Деталните урбанистички планови пред  Уставен суд од граѓани, чувствуваме обврска да посочиме дека, иако поранешната раководителка на Секторот урбанизам при Општина Карпош одговорила несоодветно, Општина Карпошводејќи се, пред се, од законитоста на постапките, а во интерес на граѓаните, веднаш, во првичните дописи од новото раководство до Уставниот суд, Општината ги потврдува аргументите на подносителите на иницијативите и истите ги дополнува со нови докази и аргументи за тоа каде е прекршена процедурата при носењето на „спорните“ Детални урбанистички планови“, стои во реакцијата на Општината.

Оттаму уверуваат дека штом Уставниот суд се обрати до нив за дополнително изјаснување во врска со други ДУП-ови, Општината ќе одговори навремено, доставувајќи целосни и точни информации и докази.

Понатаму, информираат дека се истражува постапката на носење и на други ДУП-ови, за кои доколку се утрдат пропусти во врска со процедурата на нивно донесување, ќе бидат доставени до надлежните институции.

„Општината продолжува да ги штити интересите на граѓаните и да ги почитува позитивните законски прописи.

Што се однесува до транспарентното работење, исто така, во последно време, во ниту еден случај тоа не беше доведено во прашање.

Локалната самоуправа ќе продолжи да ја манифестира транспарентноста преку конкретни дејствија, преземените активности и соработката со засегнатитестрани, а не преку празни флоскули, слогани, лажни ветувања или селектирани информации за собирање на евтини поени“, се вели во реакцијата на Општина Карпош.