Општина Гази Баба набавува 250 таблети за учениците кои немаат можност да следат онлајн настава

Општина Гази Баба набавува 250 таблети за учениците кои немаат услови да ја следат онлајн наставата. Оттаму велат дека се обидуваат да ги надминат недостатоците кои се јавиле во изминатата учебна година кога имало ученици кои не можеле да набават технички уред или во исто време настава требало да следат две или повеќе деца од едно семејство.

„Општина Гази Баба во консултација со директорите и наставниците има точна бројка во кое училиште кому ќе му биде најпотребен овој уред. Секој ученик кој што ќе добие таблет ќе биде одговорен за него и во исправна состојба ќе треба да го врати на крајот од учебната година, со цел да послужат и да други ученици“, информираат од општината.

Уверуваат дека сите 11 основни училишта се подготвени за старт на учебната година според двата метода.

„Секое училиште веќе има подготвено своја платформа, протокол за влез, излез, за одвивање на настава, протол за дезинфекција како и за движење низ објектите“, велат општинските власти.

Тие ги повикаа граѓаните и компаниите кои сакаат да помогнат во акцијата со донирање или позајмување на технички уред.