Општина Чаир обезбеди амбулантно возило откако не ја украси општината за новогодишните празници

Општина Чаир со распоредување на средствата наменети за декорирање на територијата на општината за новогодишните празници во висина од 1.800.000 денари обезбеди амбулантно возило кое денеска му беше предадено на Здравствениот дом – Скопје, информираат од општината. Истовремено, оттаму додаваат дека е обезбедено уште едно возило за здравствениот дом, преку приватниот донатор „АР-ДЕ Аутомобиле“, во вредност од околу 800.000 денари.

Министерот за здравсто Венко Филипче на прес-конференцијата се заблагодари на градоначалникот Висар Ганиу, за како што рече, високата општествена одговорност и свесност во работењето.

„Ова е значајна донација. Овој сегмент на Итната медицинска помош е еден многу сериозен и значаен сегмент во целокупниот здравствен систем, кој во континуитет го надградуваме. Целокупниот возен парк повеќе од 3/4 целосно е обновен, со набавката од Министерството за здравство, од донациите кои пристигнаа во изминатиот период“, рече Филипче, додавајќи дека јавното здравство одиграло и едно од клучните улоги во третманот, транспортот, првата помош и дијагнозата на пациентите со коронавирус.

Во меѓувреме, тој посочи и дека моментално трае процедурата за вгравуање инструменти за ГПС навигација, камери во возилата на Здравствениот дом во Скопје.

„За две недели ќе заврши целокупната инсталација и со тоа целосно ќе биде модернизиран и овој сегмент од Итната медицинска помош. Тоа значи дека во секој момент точно ќе се знае каде е возилото, каде е наоѓа, кога е испратено, за колку време ќе дојде од моментот на испраќање. Ова значи една многу значајна постапка за модернизација на возилата за ИМП“, истакна Филипче.

Двете возила кои Опшитина Чаир ги донираше на Службата за итна медицинска помош при Здравствениот дом во Скопје, чинат 2,6 милиони денари.