Општина Центар: Уставноста и законитоста на „мораториумот на градби“ пред Уставниот суд

Општина Центар информира дека денес во 9:30 часот започна 34-та седница на Уставниот суд, во која се расправа за оценка на уставноста и законитоста на 6-тата точка од дневниот ред, Одлуката за начинот на применување на деталните урбанистички планови, донесена на 27 март 2019 година.

„По поднесената иницијатива до Уставниот суд, Општина Центар даде навремен и соодветен одговор со кој ја оспори истата како неоснована. Цениме дека деталните урбанистички планови мора да бидат усогласени со генералниот урбанистички план како план од повисок ранг“, велат од Центар.

Одлуката што Општина Центар ја има донесено на 27 март 2019, велат општинарите, не е во спротивност на важечките прописи и истата има за цел да го заштити јавниот интерес кој е примарен за сите жители, а е загарантирано согласно Уставот.

„Просторното и урбанистичко планирање е еден долготраен и плански процес кој опфаќа низа дејствија кои сами по себе си се надополнуваат и си противречат во смисла на размена на идеи и плански реализации. Тоа има за цел да обезбеди и заштити сè она што претставува хуман и нормален човечки развој на одреден простор, почитувајќи го јавниот интерес како примарен“, соопштува Центар.

Оттука, дополнуваат тие, хиерархијата на планските документи при носењето на урбанистичките планови мора да биде запазена бидејќи таа е суштинска при оправданоста во постапката на донесување на пониските акти кои произлегуваат од повисоките.

„Општина Центар останува доследна и посветена при спроведувањето и реализацијата на деталните урбанистички планови во интерес на граѓаните и општината“, стои во соопштението на Центар.