Општина Центар собира предлози за името на новиот Младински центар

Од Општина Центар ги повикуваат сите заинтересирани да дадат предлог за името на новиот општински Младински центар на нивната веб-страница.

Од Општината посочуваат дека во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка и УНДП го реконструираат објектот на поранешно „Матично“, кој за многу кратко време ќе стане современ општински Младински центар.

„Реконструкцијата опфаќа поставување нова фасада и покрив, внатрешно уредување на објектот, реконструкција на санитарниот јазол, промена на внатрешниот водовод, санирање на фекалната канализација, нови санитарии, ново електрично осветлување, телефонско и компјутерско вмрежување, видео мониторинг систем, како и громобранска и против пожарна инсталација. Реконструктивниот зафат чини 6.941.282,00 денари со пресметан ДДВ. Општина Центар обезбеди 83 проценти од финансиските средства, односно 5.768.074,00 денари од Буџетот на општината за 2020-та година, а останатите 1.173.208,00 денари беа обезбедени од Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP), во форма на донација“, соопштија од Општината.

Сите граѓани кои имаат желба, можат да го дадат својот придонес, да ја посетат веб страната на Општина Центар, centar.gov.mk и во полето предвидено за предлози за име на новиот Младински центар да го внесат својот предлог.

Победничкото име, најавуваат од Општината, ќе биде јавно објавено по завршувањето на собирањето на предлозите и изборот на победничкиот предлог.