Со обезбедување на простор за паркинг во Дебар Маало, Општина Центар ќе го решава проблемот со окупираните тротоари и сообраќајниот хаос. Ова ќе биде една од активностите кои општинските власти ги ветија по вчерашниот протест на жителите. Оттаму велат дека барањата на граѓаните се целосно оправдани и дека итно ќе се посветат на трајно и системско решение.
„Имено, наскоро ќе биде поставен монтажен паркинг помеѓу општината и Министерството за одбрана, со влез и излез од улицата „Орце Николов“. Паркингот ќе обезбеди место за 270 до 290 возила. Ваквото решение е првиот чекор кон пренасочување на паркирањето и ослободување на тротоарите“, информираат од Општина Центар.
Пред да се постават заштитни столпчиња на сите улици и се поврзат во целосна пешачка мрежа, ќе се изработи студија за мерење на сообраќајот и проекција за потребниот паркинг простор за резидентите, информираат од општината. Од оваа студија ќе се подготви решение за целиот кварт. За конечна имплементација на решението ќе биде потребно заедничко делување на повеќе институции со различни надлежности, сметаат од општината.
„Затоа, Општина Центар уште веднаш ќе иницира формирање на кооридинативно тело со претставници од сите надлежни институции. Во ова тело ќе бидат повикани претставници на Град Скопје, Министерството за внатрешни работи и ПОЦ и ќе се изработи план за имплементација на решението. Претставници на граѓаните се добредојдени да учествуваат во ова тело, но и да даваат сугестии во фаза на изработка на решението. Општина Центар веќе презема некои мерки за смирување на сообраќајот во Дебар Маало, како што е Зона 30. За жал, заради лоша соработка со претходната власт и недоволна контрола од страна на тогашното МВР, ограничувањето не се почитуваше во целост“, се вели во соопштението.