Општина Центар ги разгледува последиците од откажувањето на новогодишната прослава

По јавните апели за откажување на новогодишните прослави со цел донирање на срествата во хуманитарни цели, од општина Центар преку соопштение информираат дека се ревидираат договорите и правните последици за ваквата одлука.

„Настанот кој го организира општина Центар е одамна подготвен. Освен локални артисти, настапуваат и артисти од регионот со кои веќе се склучени договори и чие откажување ќе предизвика сериозни финансиски последици. Истото важи и за останатиот дел од организациските работи и логистичките трошоци. Општина Центар има целосно разбирање за овие барања. Сепак, пред да се донесе ваквата одлука, важно е да се направи сериозна и објективна анализа дали воопшто и колку од буџетот може да се заштеди и реално пренамени. Во моментов општинските служби работат на ова прашање и наскоро ќе имаме конкретен одговор“, се вели во соопштението на општината.

Прва ваква одлука донесе општината Велес, од каде официјално соопштија дека парите наменети за прославата ќе ги донираат на социјално загрозени семејства. Официјален став од Град Скопје и од останатите поголеми градови се уште нема.

Оваа иницијатива масовно почна да се шири во државите од соседството. Повеќе градови во Србија веќе се откажаа од дочекот на Нова година на плоштад и парите ги донираа за деца на кои итно им е потребно лекување.