Општина Центар ги покри клупите со најлони, за да нема седење и групирање

Како една од новите мерки за спречување на ширење на вирусот КОВИД-19, општина Центар ги покри клупите со најлони.

„Денеска спроведовме акции за затворање и забрана за користење на јавната урбана опрема на територијата на Општина Центар. Клупите за седење ќе бидат покриени и заштитени, како би се овозможило спречување и користење на урбаната опрема за време на дозволениот час за движење на граѓаните. Со овие дополнителни мерки кои ги преземаме ќе го спречиме групирањето на повеќе лица на едно место и ќе влијаеме на зголемена безбедност од дополнително ширење на вирусот“, објави градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.

Тој најави дека со интензивни мерки ќе продолжат и наредните денови. Најлоните на клупите ќе останат се додека траат мерките и препораките од Владата.