Општина Аеродром: Земи шише вода и подари му живот на најблиското дрвце

Општина Аеродром ја поддржува иницијативата на Карло Змајшек, жител на Општина Аеродром и апелира и другите да го следат неговиот пример за подигање на свеста на граѓаните и полевање на дрвата.

Ова, како што велат од општината, посебно важи за новонасадените и помалите дрвца.

„Како личен пример тој веќе неколку недели секој ден наутро или навечер со неколку шишиња вода ги полева четирите дрвца насадени во близина на неговиот дом во Аеродром со цел да преживеат во овие летни и сушни периоди“, соопштува Аеродром.

Општинарите велат дека овој еколошки освестен аеродромец веќе ги повикал своите граѓани да му се придружат во акцијата и секој да излезе со шише вода и да го полее најблиското дрвце.

„Ќе се почувствувате исполнети, задоволни, корисни, бидејќи дрвцата се благодарни и многукратно ни враќаат со добрина, го прочистуваат воздухот, обезбедуваат сенка, нивното зеленило не релаксира, даваат мир и спокој“, порачува Змајшек.