Општина Аеродром: Бараме начин да ја спречиме изградбата на деветкатницата кај Мајчин дом

Градење на деветкатница на плацот пред Мајчин дом е спротивно на заложбите на сегашното општинско раководство. Во Опшината досега не е пристигнато барање за одобрение за градба, ниту какво било барање во однос на конкретната парцела и согласно тоа не постои проектна документација за објектот, соопштува општина Аеродром, откако во јавноста се појавија реакции против идејата за ново урбанизирање и потенцијална зграда врз зеленилото кај Мајчин дом.

Општинарите тврдат дека со ДУП И10, изгласан од претходното раководство во април 2017 година, парцелата пред Мајчин Дом се наменува од зона Д1 – парковко зеленило во зона за станбено домување А2.

„Во тој период имаше голем број реакции од јавноста во однос ДУП И10 и сегашниот градоначалник јавно говореше против носење на одлуката парцелата да се претвори во градежна. И покрај големите заложби против ваквото решение, претходното раководство го донесе ДУП И10, кој е веќе стапен на сила. Парцелата пред Мајчин Дом е во приватна сопственост. Според деталниот урбанистички план, тука се предвидува изградба на објект П+8+ПК/П+8, односно приземје, плус осум ката и поткровје, а во дел приземје со 8 ката“, стои во соопштението на Аеродром.

Од таму дополнуваат дека во моментов ги разгледуваат сите правни механизми и бараат начин да ја спречат градбата на плацот пред Мајчин дом.

Инаку, аеродромци за петок од 17 часот најавија „afterwork забава и фудбал“ против уништувањето на зеленилото во општината.

Аеродромци со „аfterwork забава и фудбал“ против уништување на зеленилото пред Мајчин дом