Советничката група во Советот на Град Скопје, „Сојуз на иднината“ бара прекин на инвестиционите зафати на Панорамското тркало кое се гради на реката Вардар.
Оваа иницијатива на СДСМ и останатите советници коалиционери ќе биде разгледувана на утрешната 81. седница на градскиот Совет.
За Панорамското тркало досега имаше повеќе јавни реакции. Во декември 2016 беше покрената петиција за запирање на изградба на тркалото, кое иницијаторите го окарактеризираа како „финансиски бесмислен и опасен проект“.
Електронската петицијата до почетокот на март ja потпишаa 7882 граѓани, a потоа беше пратена и до градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
Инаку, за потребите на Панорамското тркалото веќе е раскопана целата ширина на реката. Натрупана е со камења и разен градежен материјал. Се гради заедно со примарната платформа за мостот. Тој ќе се протега под барокното МЕПСО и бродот-ресторан, од десниот брег на Вардар, па ќе се спојува од другата страна со плажата „Камен мост“, која ја изеде „забот на времето“ по само неколку години постоење.
Познато е дека Тркалото ќе има дијаметар од 57 метри и ќе се извиши 73 метри од брегот на реката, со 30 кабини во форма на гондоли од 750 килограми. Дваесет милиони скапото тркало треба да има капацитет за 300 луѓе. Како придружни објекти планирано е да се изградат кафетерија, сувенирница и ресторан.
Радио МОФ неодамна објави видео за течението на Вардар и сиот градежен шут околу локацијата каде се гради Панорамското тркало: