Опозицијата заедно со активисти, новинари и музичари повикуваат на граѓански марш на 11 октомври

На 11 октомври, вторник, ќе се одржи граѓански марш „Борбата продолжува, гласот победува“. Иницијатори се Зоран Заев, претседател на СДСМ, Вера Бунтевска од Сојуз на борци, актерката Ирена Ристиќ, новинарот Томислав Кежаровски, музичарите Златко Ориѓански и Бени Шаќири, пензионираниот спортски новинар Атанас Костовски и твитерџијата Влатко Васиљ.

Маршот ќе започне од 14 часот, на раскрсницата меѓу булеварот „Партизански одреди“ и улицата „Френклин Рузвелт“.

„Ве повикуваме на Граѓански марш на 11 Октомври, за сите заедно да се огласиме со силна слободарска порака. Граѓанската акција продолжува. Ние граѓаните склучивме сојуз. Си го враќаме животот. Ја враќаме слободата. Ќе маршираме за правда и правичност, за еднаквост, ќе маршираме за граѓанскиот глас. Денес, по 75 години од основањето на партизанските одреди, нашето оружје е нашиот глас. Тоа е гласот што вели ДА за живот во Македонија и гласот што вели НЕ за режимот. Ве повикувам сите, поединци, здруженија, заедници, демократски политички партии, сини, шарени, црвени, од град, од село – приклучете се“, повика денеска опозиционерот Заев.

Според членката на Сојузот на борците на Македонија, Вера Бунтеска,  граѓаните на Македонија сакаат да живеат во држава во која ќе има правда за сите, држава во која демократијата ќе се развива во позитивна смисла.

„Граѓаните сакаат и очекуваат таква Македонија, а не држава заглавена во минатото. Минатото го почитуваме, на него сме горди, од него влечеме поуки. Што се однесува на нашата борба, ние, членовите на сојузот, ќе се бориме за една изградена иднина и тоа за општество во кое граѓаните ќе бидат почитувани. Ќе бидеме горди доколку граѓаните со сопствени сили ги решат проблемите кои се пред нив“, рече Бутнеска, пренесува „Мета“.

Новинарот Томислав Кежаровски нагласи дека секогаш ќе биде на страната на правдата и на слободата. Должноста на медиумите е да го штитат јавниот интерес, но, вели тој, денеска новинарството е само запчаник во политиката.

„Новинарството во Македонија може да се поистовети со именката хаос. Во Македонија немаме слобода на говор, имаме слобода на омраза. Секој обид да се крикне против наметнатото едноумие, актуелната власт вешто го задушува. Медиумите станаа плен на политичкиот и на економскиот интерес, занемарувајќи го интересот на граѓаните. Јас сум подготвен да се борам за битката која се смета за изгубена. Без оглед на сè што ми сторија и што сè уште ми прават, и понатаму ќе бидам на страна на вистината, никој нема да биде господар на мојот ум“, рече Кежаровски.

Атанас Костовски, спортски новинар во пензија, рече дека неговата генерација има кондиција да протестира и да се бори за правдата. „Мојата генерација маршираше со Шарената револуција да не заборави да оди. Во добра форма сме, ќе маршираме за правда во нашата Македонија“, подвлече Костовски.

Музичарите Златко Ориѓански и Бени Шакири велат дека го иницирале овој марш затоа што сакаат Македонија да оди напред, а не да се враќа наназад.

Според твитерџијата Влатко Васиљ, 11 Октомври е еден од најважните денови во историјата на Република Македонија. „Храброста и пожртвувањето на нашите предци ни овозможија да растеме и да живееме во слободна и наша држава, но исто така ни овозможија да бидеме горди дека застанале на вистинската страна во таа борба“, рече Васиљ.

Актерката Ирена Ристиќ смета дека 11 Октомври не треба да го прославиме протоколарно, како што се прославуваат другите празници во Република Македонија, туку, вели таа, со масовност „затоа што е крајно време по овие мачни десет години да покажеме подготвеност да ги преземеме во свои раце окупираните институции“.