Опозицијата во Зимбабве се соочува со апсења и киднапирања по поразот на изборите

Безбедносните служби продолжуваат со пресметките со опозициски активисти во Зимбабве, со десетици уапсени, истепани или киднапирани лица само три дена по претседателските избори на кои победи лидерот на владечката партија Зану, Емерсон Мнангагва, пренесува Гардијан.

Организациите за човекови права посочуваат повеќе случаи на киднапирање, насилство и силување кое го извршиле неидентификувани луѓе во текот на ноќта во централниот дел и североистокот на земјата.

Репресивниот бран започнал во петокот кога армијата почнала да патролира низ главниот град Хараре и другите помали градови од околината, во потрага по приврзаници и претставници на опозициската партија Движење за демократска промена (ДДП). Портпаролот на партијата изјавил дека илјадници членови на партијата се кријат.

„Природата на киднапирањата се такви што не можеме да знаеме кој сè е исчезнат. Помогнавме на петмина кои за малку избегнаа да бидат киднапирани и побегнаа од Зимбабве. Другите се кријат во одредени сигурни места. Постои застрашување и ужасен третман на оние кои ќе бидат фатени“, рекол портпаролот Нкулулеко Сибанда.

Минатата недела милиони граѓани гласаа на првите избори по заминувањето од власт на Роберт Мугабе, кој владееше со земјата 37 години. Порастот на насилство оттогаш предизвика големо разочарување кај сите кои се надеваа дека по падот на Мугабе бруталноста ќе престане.

75 годишниот Мнангагва, поранешен шеф на тајните служби, победи на претседателските избори со 50,8% од гласовите, за малку избегнувајќи втор круг со противкандидатот Нелсон Чамиса, 40-годишниот лидер на ДДП, кој освои 44,3% од гласовите.

Чамиса ги оцени изборите како нерегуларни и нелегитимни, изјавувајќи за новинарите дека тој бил избран за претседател на слободен и фер начин.

Сибанда изјавил дека репресијата која ја видел за време на викендот била најлоша за време на неговите 20 години активизам.

„Ова е неверојатно. Полошо е и од власта на Мугабе“, изјавил тој.

Неидентификувани луѓе, вооружени со секири и огнено оружје, упаднале во домот на еден од добро познатите симпатизери на опозицијата. Биле испрашувани и роднини на младинскиот лидер на ДДП, Хепимор Чидзива, а потоа биле одведени во напуштена фабричка хала и тепани, пред да бидат оставени на кружен тек на периферија на главниот град.

Иако изборниот ден помина во мирна атмосфера, само два дена подоцна беа убиени две лица кога полицијата пукала за време на протест на ДДП во центарот на Хараре. Во четвртокот 22 опозициски активисти биле уапсени од седиштето на партијата под обвинение за поттикнување политичко насилство. Седиштето на ДДП останува затворено и е строго контролирано од полициски сили и оклопни возила.

Портпаролот на воените сили на Зимбабве изјавил дека ниту еден војник не е ангажиран во населените места за да тепа луѓе.

„Доколку постојат индивидуи, маскирани како наши членови, кои прават кривични дела, тоа можеби се криминалци кои сакаат да ја уништат сликата за Армијата на Зимбабве“, изјавил портпаролот за локалните медиуми.

Полициските служби не се појавиле на пресконференцијата која сами си ја свикале за вчера попладне. По 90 минутно чекање, меѓународните и локалните новинари ја напуштиле пресконференцијата во протест.

Властите во Зимбабве имаат потреба од меѓународен легитимитет за да ја задржат финансисксата помош од повеќе милијарди евра која ја добиваат за економска стабилизација. Насилството претставува сериозно назадување на земјата, додека на тоа се гледа и како на поделби во самата владејачка елита.

Мнангагва во петокот изјавил дека слободата на говор е суштински дел од „новото Зимбабве“.