Еден од организаторите на иницијативата „Спас за Гевгелија“ доби опомена пред тужба од „Сардич МЦ“, компанијата која доби концесија за изградба на рудникот за бакар Казандол во Валандово.
Ангел Наков на Фејсбук напиша дека му стигнала опомена со која компанијата бара извинување за произнесени „ груби невистини и клевети“ за време на неговото учество во тв дебата на една од националните телевизии. Тој треба во рок од 48 часа, откако ја примил опомената, да се извини и да ја повлече својата изјава, во спротивно ќе биде поведена судска постапка против него.
„Господо, од каде и да сте и кој и да сте, не можам да ве осудам дека сакате од богати да бидете побогати. Но, тоа нема да можете да го направите во нашиот роден крај. Тоа нема да го направите врз гробовите на нашите предци. Тоа нема да го направите за сметка на нашите деца, внуци и правнуци. Затоа, прво вие да се извинете на сите граѓани на Валандово, Гевгелија, Дојран и Богданци и сите населени места во овој крај, за досегашните ваши постапки“, напиша Наков на Фејсбук.
Од Сардич МЦ“, пак, го предупредуваат Наков дека водењето на судските постапки ќе му создале значитечни финансиски трошоци, негово малтретирање, како и негова јавна осуда преку средствата за јавно информирање.
„Вие пред изнесување на невистинитите информации во јавноста, воопшто и никогаш немате пројавено интерес писмено или лично од концесионерот или надлежна институција да побарате релевантна информација за проектираната технологија во комплексот и проектираните мерки за заштита на животната средина и здравјето на луѓето коишто концесионерот најодговорно ги спроведува во текот на изградната на Комплексот, како и мерките, чијашто примена е проектирана во процесот на експлоатацијата и на прозиводството на катодниот бакар. Исто така, вие не пројавивте никаков интерес и не учествувавте на јавните расправи за оцена на влијанието на рударскиот комплекс“, стои во опомената за тужба упатена од „Сардич МЦ“ до Наков.
Инаку, Наков е дел од активистите во иницијативата „Спас за Гевгелија“, која се спротивстави на изградбата на нов рудник за злато на планината Кожуф. Гевгеличани преку референдум се изјаснија дека се против рудниците.
Ова, пак, ги мотивираше граѓаните и од другите околни општини да покренат сопствени иницијативи за референдум. Па така, следни кои ќе излезат на локален референдум се Богданци и Дојран, додека во Валандово, процесот се одолговлекува. Таму по неуспешниот обид, по вторпат се активираше иницијативата која сега треба да собере 2 000 потписи за да се распише референдум.