Оперската дива Елена Мошуц вечерва ќе го отвори „Охридско лето“ 2018

Вечерва, со почеток во 21:00 часот, на сцаната на Античкиот театар, свечено, ќе биде отворено 58. издание на „Охридско лето“. Од дирекцијата на фестивалот најавуваат спектакуларна вечер со концертот на светски познатата оперска певица од Романија, Елена Мошуц.

Оперската дива Мошуц ќе настапи заедно со тенорот Калин Братеску, исто така од Романија и оркестарот на Македонската филхармонија под диригентската палка на Николае Молдовеану.

Како што најави Сузана Вренцовска, в.д. директор на „Охридско Лето“, сè е подготвено за беспрекорна реализација како за Свеченото отворање, така и за останатите 40 фестивалски денови.

Охрид летово ќе биде домаќин на над 800 врвни уметници од 27 држави од Европа и целиот свет. На репертоарот на отворањето на 58 „Охридско лето“ ќе бидат популарни италијански дела и француски арии.

Фестивалот „Охридско лето“ се одржува во организација на Министерството за култура, а под покровителство на претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, кој и ќе го означи стартот на летото, по што во амбиентот на “Билјанините извори”, ќе приреди коктел за учесниците.