Операција „Студентски дом“ – преку индексот ни е!

„Ние студентите, оние младите и перспективните со сјајна иднина, радо избираме да живееме во Гоце, а еве и зошто“. Вака почнува воведниот текст на блогот на новоформираната иницијатива на станарите во студентскиот дом „Гоце Делчев“,„Операција студентски дом“.

Операција „Студентски дом“ - преку индексот ни е!

„Операција Студентски дом ќе биде медиум на студентите заробени во сивата студентска реалност,со од една страна супстандардните услови за живеење, а од друга страна незаинтересираноста на службите и поголемиот дел од студенти за промена на состојбата и нејзино поместување од нулта точка.

Бидејќи студентскиот сојуз и СПУКМ како организации чија примарна намена е да ги заштитуваат правата на студентите и да се борат за подобри услови, не ја извршуваат својата должност, ваквата независна платформа е единствениот начин за целата приказна да излезе на виделина, а воедно и да се поттикне студентско будење и самоорганизирање, затоа што ако ние како студенти не се избориме сами за тоа што ни припаѓа никој друг нема да го направи тоа место нас.

Активностите на Операција студентски дом ќе бидат крајно транспарентни и отворени за секој кој би сакал да се вклучи во нив, воедно отворени сме за предлози, идеи и сугестии.

Затоа што не сме само броеви на индекс!“ – стои во нивната објава.