Операта во Мадрид протестно напуштена поради непочитување на мерките за растојание

Во неделата вечер, изведбата на „Бал под маски“ од Џузепе Верди била прекината во Операта во Мадрид, откако присутната публика протестно ја напуштила салата поради непочитување на мерките за физичко растојание. Една од присутните во „Театро Реал“ истакнала дека неколку редови седишта биле преполни со луѓе кои не одржувале физичко растојание.

„Некои од седиштата во првите редови беа отстранети, но во повисоките кругови публиката беше стисната, можеби 15 реда на седишта беа полни со луѓе кои седат еден до друг“, изјавила таа за „Ел паис“.

Новинарката и авторката Роса Монтеро, која ја проследила изведбата, потврдила  дека ситуацијата во салата навистина била таква.

„Бевме згмечени во првите десет реда во салата, во најскапите седишта и немаше простор помеѓу“, напишала таа на „Твитер“, објавувајќи и видео од публиката.

Од „Театро Реал“ соопштиле дека мала група присилила напуштање на салата, инсистирајќи дека биле почитувани сите мерки против Ковид-19.

Во своето соопштение, од Операта истакнале дека таа работи со 51.5 отсто од својот капацитет, што е согласно со ограничувањето на капацитетот на институциите во Мадрид, каде што може да се користат 75 отсто од капацитетот. Во Операта имало вкупно 905 присутни.

„Мала група на присутни ракоплескаше и викаше за да го искаже своето незадоволство со своите седишта. Протестот продолжи и по известувањата на разгласот за седнување на друго седиште или враќање на сретствата“, изјавиле од Операта.

Оттаму додаваат дека повеќето од незадоволните лица за кратко се сместиле во други седишта, но малата група продолжила со протестот. По две пропаднати обиди за започнување на операта, сепак завесите се спуштиле. Од оерата велат дека ќе продолжат со истрага околу инцидентот и ќе ги воведат потребните мерки за да се осигураат идните изведби.

Неколку часа претходно во Мадрид се одржале протести против локалните власти и нивната одлука да воведат карантин во неколку сиромашни региони во Мадрид, со што 850,000 жители повторно ќе бидат затворени дома. Граѓаните сметаат дека ваквиот потег бил нефер и дека власта треба да го штити јавното здравје преку вложување во медицински персонал и збогатување на ресурсите на болниците.

Јавните и приватните собири се ограничуваат на шест лица, а парковите се затворени.

Извор: Guardian