ООУ „Лазо Трповски“ наградено на Меѓународен литературен натпревар во Токио

Основното општинско училиште „Лазо Трповски“ од Скопје беше наградено на Меѓународниот литературен натпревар за млади во Јапонија, што традиционално се одржува во јапонскиот главен град Токио. По тој повод, на 16 декември 11 часот почесниот конзул на Јапонија во Република Македонија, н.е. Казу Лешниковска, ќе ја врачи наградата во училиштето.

Натпреварот е во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио, Јапонија, а се организира во рамките на одбележувањето на 71 година од основањето на УНЕСКО. Покровител на натпреварот е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија.

Наградата е освоена во конкуренција на 12 937 учесници од 153 земји.

Со прозни лични творби напишани во форма на есеи на тема „Да создаваме подобра иднина преку образованието“  ученичките  Александра Исајловска и Матеа Шутарова  го претставуваа училиштето на овој реномиран меѓународен натпревар, а беа координирани од тројца наставници-ментори Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик, Соња Јовановска, предметен наставник по македонски јазик и Лилјана Симоновска, предметен наставник по англиски јазик.