ООН: Светот пропушта можност за „зелено“ закрепнување од пандемијата

Плановите за закрепнување на големите економии од Ковид-19 во голема мерка не се „зелени“, а светот е на пат да инвестира милијарди долари во зајакнувањето на индустријата која ја загадува околината, се истакнува во новиот извештај на Обединетите нации (ООН), пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Пандемијата со коронавирусот минатата година предизвика најголема контракција во глобалната економија од Втората светска војна, поттикнувајќи невидено зголемување на државните трошоци за да се спасат националните економии.

Според извештајот на Универзитетот Оксфорд и Програмата за животна средина на ООН, од 1.9 милијарди долари, колку што 50-те најголеми економии во светот најавија дека ќе потрошат, само 18 отсто или 341 милијарда долари може да се сметаат за „зелени“.

„Во многу случаи, владите си играат политика. Видовме примери на лидери кои користат мали ‘зелени’ пакети со цел да доминираат на насловните страници, притоа туркајќи многу поголеми пакети без коментар за нивните карактеристики кога е во прашање влијанието врз животната средина“, рече авторот на извештајот Брајан О’Калаган.

Најголем дел од „зелените“ средства се наменети за транспорт, како на пример субвенции за електрични возила и велосипедска инфраструктура.