ООН: Повеќе од 130 земји немаат добиено ниту една вакцина за Ковид-19 – 10 земји имаат дисперзирано 75% од сите вакцини

Само десет земји имаат администрирано 75% од сите достапни вакцини за Ковид-19 на светско ниво, додека повеќе од 130 земји не ги добиле ниту првите дози, посочи генералниот секретар на Обединетите Нации (ООН) Антонио Гутереш, пренесува „Си-Ен-Ен“.

Гутереш потенцираше дека не е фер тоа што толку малку земји го контролираат најголемиот дел од резервите на вакцини во светот. За да се реши таа нееднаквост, генералниот секретар предложи членовите на Г20 да создадат итна работна група за промовирање на глобален пристап до вакцини.

„Во овој критичен момент, најголемиот морален тест пред глобалната заедница е правична достапност на вакцините“, рече Гутереш на виртуелниот состанок кој се одржа пред два дена во Советот за безбедност на ООН.

Ширум светот досега се администрирани околу 188 милиони дози на вакцини, додека десетици милиони од нив се само во Соединетите Американски Држави, Кина, Велика Британија и Израел.

Гутереш не ги именуваше десетте земји кои администрирале три четвртини од сите вакцини за Ковид-19, но, САД секако се меѓу нив, со повеќе од 72.4 милиони вакцини дистрибуирани таму, додека над 56 милиони од нив се администрирани, според податоците од американскиот Центар за контрола и превенција на болести.

Предложената работна група ќе вклучува членови од форумот Г20. Групата која е составена од земјите со најголеми економии во светот, ќе обезбедат финансии и научна експертиза за да ги направат вакцините подостапни за земјите од „Глобалниот југ“, во кои спаѓаат земји од Африка, Латинска Америка и Јужна Америка.