Онлајн регистар на е-трговци за поголема информираност и заштита на купувачите од непроверени продавачи

На бесплатната платформа „еТрговија за сите“ отсега е достапен првиот онлајн регистар на е-трговци, кој ќе ги содржи сите онлајн продажни места, регистрирани во една од петте банки во државата кои нудат е-трговија, односно процесирање на онлајн трансакции.

Ваквиот регистар има за цел да ја зголеми информираноста на купувачите и нивната заштита, да им овозможи лесно да направат разлика помеѓу регистрирани е-трговци и нерегистрирани субјекти кои учествуваат во онлајн продажбата и да ја намали можноста за купување од непроверени онлајн продавачи и учество во сивата економија.

Од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија велат дека се потребни заеднички напори за намалување на сивата економија – институциите да го дадат својот придонес, граѓаните да се заштитат себе си преку купување само од регистрирани е-трговци, а компаниите да ги унапредуваат своите процеси, корисничко искуство и да одиграат едукативна улога кај потенцијалните купувачи.

„Согласно спроведениот анкетен прашалник на 2.800 е-купувачи кој беше дел од сеопфатната Анализа на е-трговија, 2020 година, 47% од купувачите прават нарачки преку пораки на социјални медиуми, а 61% од нив се изјаниле дека го прават тоа затоа што им е полесно и побрзо. 48% од е-купувачите никогаш не добиваат фискална сметка при ваквите нарачки, а 27% се изјасниле дека ретко добиваат. Над 70% од нив се запознаени за ризиците, дека не се заштитени како потрошувачи, како и дека се дел од сивата економија, но сепак го прифаќаат ризикот при ваквите нарачки. Овие податоци се загрижувачки и говорат за ниското ниво на даночен морал и свест за значењето и негативните последици од сивата економија, како и ниското ниво на дигитални вештини на населението. Преку регистарот на онлајн продажни места купувачите имаат можност лесно да проверат пред да направат нарачка дали се работи за регистирана онлајн продавница”, вели Нина Ангеловска, претседател на Асоцијацијата за е-трговија.

Оваа активност на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија е дел од Акцискиот план за сузбивање на сивата економија, на Министерството за финансии, во кој посебен дел е издвоен за активности за намалување на сивата економија во е-трговијата.

Инаку, во јануари АЕТМ го воведе и „беџот за верификуван е-трговец” кој преставува визуелна ознака која ќе им помогне на купувачите полесно да проценат дека станува збор за регистриран правен субјект кој ги има имплементирано неопходните законски регулативи и правила за работење во е-трговијата.

Во текот на 2020 година беше лансирана платформата „eТрговија за сите” која содржи информации за започнување и водење на бизнис во е-трговија.