Онлајн промоција на стихозбирката за деца „Шах со Бах“ од Владимир Мартиновски

На Фејсбук страницата на Чудна шума, на 15 декември (вторник) со почеток од 20 часот ќе се одржи онлајн промоција на илустрираната стихозбирка за деца „Шах со Бах“ од Владимир Мартиновски, со илустрации на Зоран Кардула.

„Промоцијата е замислена како разговор помеѓу авторoт Владимир Мартиновски и уредничката Билјана Црвенковска. Ќе бидат прочитани и песни од стихозбирката, а ќе се слуша и музика“, велат од Чудна шума.

Настанот е дел од малиот онлајн саем на книга „Зима во Чудна шума“ и е поддржан од Дом на културата „Кочо Рацин“ – Скопје и Град Скопје.

За „Шах со Бах“, од Чудна шума велат дека тое e стихозбирка за деца и возрасни што ја сакаат (или сакаат да ја засакаат) музиката.

„50% од средствата од продажбата на оваа книга ќе бидат донирани за арт и музикотерапија за деца со посебни потреби“, соопштуваат тие.

Книгата има добиено признание за второ место во категоријата најдобро ликовно-графички уредено издание меѓу два саеми на книга, кое го доделува Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), за 2020 година. Исто така, признание за трето место во категоријата поттикнување општествена одговорност меѓу два саеми на книга, исто така доделено од МАИ, за 2020 година.