Онлајн предавање за ботаничка градина на Слоу Фуд-Прилеп

„Ботаничка градина е строго заштитена зелена површина во која раководството дизајнира и создава уредени површини и чува документирани колекции од живи и заштитени растенија кои имаат важност во обласитите на научното истражување, образованието, јавното претставување и чувањето а можат да се користат и како туристичка атракција или за производство на производи на база на растенија кои би се користеле за човечко добро“.

Ова стои во најавата на Слоу Фуд-Прилеп, организација која утре (23 јули) од 18 часот огранизира предавање преку апликацијата Zoom.

Онлајн предавањето има цел поопширно да ги запознае слушателите со поимот ботаничка градина, со настанувањето, историјата и значењето на ботаничките градини ставајќи акцент на нивната важност во науката, образованието, туризмот, екологијата како и зачувувањето на биодиверзитетот и можноста за зачувување на автохтоните видови растенија.

„Низ оваа тема ќе не води заменик лидерот на Слоу Фуд-Прилеп, Филип Димкоски, дипломиран земјоделски инженер во насоката градинарство и цвеќарство преку неговиот дипломски труд ‘Анализа и споредба на ботаничките градини Локрум, Ајазмо и ботаничката градина во Загреб’. Покрај општиот дел за историјата на ботаничките градини и за нивните почетоци во Италија, како и специјалниот дел за секоја од трите градини обработувани во трудот, накусо ќе стане збор и за ботаничката градина на Природно-маематичкиот факултет во Скопје, можностите за нејзино унапредување но и за создавање на нови ботанички градини во државава“, се вели во најавата за онлајн предавањето.

Слушателите ќе имаат можност да го слушаат предавањето, да ја погледнат презентацијата и доколку имаат желба да бидат активни учесници во настанот поставувајќи прашања и вклучувајќи се во евентуалната дискусија.