Онлајн предавање: Семантичките аспекти во потеклото на хип хоп ремиксот

КСП Центар-Јадро продолжува со својата онлајн програма со дискусија со Вангел Ноневски за семантичките аспекти во потеклото на хип хоп ремиксот.

Предавањето ќе се одржи во четврток, 4 март, со почеток во 18 часот, а ќе може да се проследи на Фејсбук страната на КСП Центар-Јадро. Модератор на предавањето ќе биде Ѓорѓи Пулевски – Џоџо.

На предавањето ќе биде претставени како уметничките дела денес претставуваат колажи или рециклирани производи на постојни дела.  Организаторите објаснуваат дека пронаоѓањето на грамофонот има клучна и незаменлива улога во однос на хип хоп/ремикс културата.

Тие сметаат дека кредото на ремикс културата – да се создаде нешто ново од постојното – стана парадигма на денешната музичка сцена.

„Штом некое дело е подложно на репродукција, тоа значи дека е лишено од неговиот автор како единствен деноминирачки фактор на семантичка резонанца. И тука настапува DJ-от, кој миксува и манипулира со композиции, со што тој го заменува авторот како семантички атрибут-фактор, а тој однос уште повеќе се демократизира и либерализира кога забележуваме дека DJ-ите миксуваат музика според реакциите на посетителите на забавите во дискотеките. Според тоа, семантичкото значење на современото музичко (хип хоп) дело станува проширено и подложно на потенцијално бесконечна (ре)контекстуализација“, објаснуваат од КСП Центар- Јадро.

Вангел Ноневски е роден 1977 година во Белград. Дипломирал, магистрирал и докторирал на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје. За време на студиите, повеќе од една година работел како водител во македонското радио Канал 103. Досега има издадено три авторски книги: Музички бриколаж (2003 година, Магор), Грамофонот како метаинструмент: од механичка репродукција до ремикс култура (2014 година, Аксиома) и Киборшка естетика: ремикс апропријација на уметноста (2018 година, Аксиома); и приредено еден зборник: Грамофонот како метаинструмент (2014 година, Аксиома).

Од 2018 година работи како вонреден професор на Институтот за филозофија, при Филозофскиот факултет во Скопје, каде предава Естетика, Филозофија на културата и Филозофска антропологија. На Архитектонскиот факултет во Скопје е визитинг професор на предметот Естетика.