Онлајн предавање „Демократија за време на пандемија“ утре со Марко Кртолица

Младински образовен форум за утре (22 мај) од 19 часот организира онлајн предавање „Демократија за време на пандемија“ со д-р Марко Кртолица. Предавањето ќе се одржи преку платформата за видео комуникација Zoom.

„Често во секојдневието може да се слушне цитатот на Винстон Черчил дека демократијата е најдобриот облик на владеење во споредба со сите други облици на владеење со кои досега сме имале искуство. Таквиот став на Черчил се потпира врз идејата дека во демократско општество постои уставно ограничена власт, владеење на правото, заштита на човекови права и слободи, еднаквост, плуралност, учество на граѓаните во креирањето и практикувањето на власта (владеење на народот, од народот, за народот). Сето тоа придонесува за демократијата најчесто да се говори во позитивна конотација“, се вели во најавата за онлајн настанот.

Меѓутоа, вирусот Ковид-19 целосно го смени функционирањето на светот, а со тоа предизвика и голем број на промени и предизвици во функционирањето на демократиите во светот. На самиот старт под влијание на ширењето на вирусот Ковид – 19 речиси во сите демократски држави беа одложени изборните процеси. Дополнително, стои во најавата, под пазувите на воведувањето на вонредна состојба во голем број демократии денес имаме состојба на така наречена уставна диктатура во која, со цел справување со вирусот Ковид-19, уште поголемата моќ на извршната власт и ограничувањето на човековите слободи и права станаа реалност.

„Тоа ни говори дека денес под влијание на Ковид-19 под закана се основните елементи на едно демократско општество. Затоа, во овој период, како и во периодот кој следува во пост-корона ерата треба да се биде внимателен во која насока ќе се развиваат состојбите во демократските општества – дали демократските општества без проблем ќе се вратат во нормална состојба или, пак, животот во вонредна состојба ќе стане новото ‘нормално’ на демократиите во светот“, се вели во соопштението за онлајн предавањето.

Инаку, Марко Кртолица е доцент на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје, работи на Катедрата за уставно право и политички систем.

Ако сакате да го следите предавањето се што треба да направите е да ја пополните апликацијaта:[https://docs.google.com/forms/d/1aHemTK4MTwvF2ASq0zWCyeR1ljEPxTJqyF6btDqI7o4/edit] и да се вклучите на линкот во терминот на посакуваното предавање, кој ќе ви биде испратен на вашата e-mail адреса.

Предавањето е дел од циклусот предавања за студенти и млади насловен „Ново студентско секојдневие“.

Циклусот отворени предавања за студенти „Ново студентско секојдневие“ е организиран во рамки на проектот „Зајакнување на демократските компетенции и учество на младите луѓе“, имплементиран од Младински образовен форум, а во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер.