Онлајн настава – предизвик и за учениците и за професорите

Со појавувањето на корона вирусот, на сите нас животот како да ни се смени од корен, за 360 степени. Привикнувајќи се на новата реалност или пак новото „нормално“, средношколците требаше да се привикнуваат и на еден нов вид настава, за нив скоро непознат начин за предавање -онлајн наставата. Оваа учебна година започна подоцна од вообичаено и со многу измени. Министерството за образование и наука воведе онлајн настава во скоро сите училишта низ државата, создадоа платформа за учење од далечина, ги скратија часовите…

За да видиме што е „новото нормално“ во наставата, прашавме неколку средношколци како се снаоѓаат со учењето од дома користејќи лаптоп, компјутер или телефон, но и како може таа да се подобри. Ова се нивните одговори:

Јована Анѓелковска, СОУ„Св.Кирил и Методиј“- Неготино

Не се снаоѓам многу добро, затоа што сите имаме проблеми со интернет конекција и некои од професорите немаат доволно познавање од платформите за учење. Најголем проблем ми се скратените часови и немањето на време за детално објаснување и предавање на материјалот. Ми се допаѓа платформата која ја користиме затоа што нуди многу можности за високо квалитетно образование, а не ми се допаѓа незаинтересираноста кај дел од нашите ученици кои не го сфаќаат онлајн учењето за сериозно.

Наставата најпрво може да се подобри со поквалитетни обуки на професорите и со поставување на подобра интернет конекција во училиштата од каде што професорите работат, затоа што тоа е единствен начин за поквалитетно образование. Ако можев да бирам дали би одела со физичко присуство или онлајн, дефинитивно наставата би ја следела од училница, затоа што според мене тоа е единствен начин на којшто можеме да постанеме подобри идни академски граѓани.

Станиша Станковиќ, ОСМУ„Д-р Јован Калаузи“- Битола

Искрено за мене немам некој огромен проблем. Самата најава одеше според инструкциите дадени од МОН. За почеток мислам дека функционира сосем нормално. Има моменти каде има недостаток на интернет конекција и платформата заради повеќе корисници делумно или воопшто не работи. Главен приоритет е повозрасниот образовен кадар. Треба да му се овозможи дополнителна доедукација во врска со информатичките техники се со цел и тие да продолжат со предавања како претходно. Морам да пофалам дека таквите професори во моето училиште се снаоѓаат одлично и максимално се посветија на онлајн предавањето. Најголем проблем учениците коишто престојуваат во ученичките домови или интернати. Исто така ученици од семејствата со ниски приходи кои не можат да си дозволат одреден ИТ уред, како и сите социјално-загрозени семејства. Сите овие наведени категории немаат соодветен интернет пристап и не можат нормално да се вклучат во онлјан наставата.

Ми се допаѓа тоа што е започната некаква дигитализација на образованието. Ова недостасуваше со години и ние младите нонстоп апелиравме на вакво нешто. За почеток иако платформата не е функционална, се надевам дека за краток период таа ќе биде стабилна и ќе биде достапна за сите ученици подеднакво. Сите алатки што ги нуди самата платформа се одлични за еден ученик кој во секое време ќе има во можност да го провери распоредот на часови, календар на активности, успех и оценки по секој предмет, работа на часови и низа други интересни додатоци. Не ми се допаѓа тоа што ние доцниме неколку месеци и со обука на наставниците и професорите. Со тоа што би сменил во онлајн настават е дека би ги споил е-дневникот со платформата, би ги прикачил сите учебници по примерот на страната e-ucebnnici, понатаму материјалите за работи во врска со наставните единици, место за запишување забелешки нешто како notebook и се разбира во средните стручни училишта во практичниот дел би додадил некакви виртуелни видеа при изведување на некоја наставна единица со што учениците би добиле некаква основа за наредниот час или повторување на материјалот.

Ако бирам помеѓу училница или онлајн настава, би одбрал училница. Самата интеракција помеѓу професорите и учениците е значаен дел од развитокот на една личност која се наоѓа во образовен процес. Што се однесува до делот на наставата, според мене многу е важно и усното испрашување и активноста на часот, за разлика од писменото оценување. Тука при самиот тек на часот наставникот може да има увид и проценка за знаењето на ученикот, со онлајн наставата и тоа не е баш лесно. Таму може да постојат многу мал милион причини кои би довеле до нереална оценка од типот на слаб интернет, невклучување на камера, препишување за време на тест и многу други работи кој што секој од нас ги знае и е свесен за тоа дека постојат.

Сара Лазаревска ДСУ„Митко Пенџуклиски“-Кратово

Онлајн наставата оди доста добро, немаме некои поголеми проблеми само некои ситни со интернет конекцијата. Јас лично повеќе би сакала настава со физичко присуство, но сè си има свои предности и недостатоци.

Можеби на овој начин ќе научиме повеќе да ја употребуваме технологијата и кога образованието ќе се врати во нормала. Полека сите се прилагодуваме на овој начин и сметам дека ќе биде подобро во иднина, но дефинитивно е подобро од наставата која ја имавме до јуни.

Марко Инѓилизов, СОУ„Кочо Рацин“-Велес

Лично, немам проблеми со онлајн наставата. Нормално дека на почеток е потребен адаптациски период, но сметам дека со текот на времето сите ќе се привикнеме на новиот начин на одвивање на образовниот процес. Во однос на проблемите, тие повеќе се на страна на професорите, но не по нивна вина. Во училиштето има слаб интернет, а има и професори на кои им е потребен лаптоп за нормално одвивање на наставата. Ми се допаѓа тоа што професорите се максимално посветени и желни за работа. Добар е фактот што полека нашето образование се дигитализира и почнуваме да ги уживаме придобивките на модерното живеење.

Од друга страна, не ми се допаѓа тоа што допрва се учиме на сите функционалности на платформата, а и не сите професори се целосно обучени како се функционира. Изгубивме многу време залудно, време кое можевме да го искористиме за надминување на овие проблеми. Наставата може да се подобри само ако постои желба и волја. Не би го ставал фокусот на инспекциско мониторирање на процесот и слично, туку повеќе би сакал да се развие врската професор-ученик.

Во однос на промените, би дал простор на сегашниот начин на функционирање. Би одбрал настава од далечина, поради тоа што сметам дека КОВИД-пандемијата е одлична шанса за вистинска пресвртница во македонското образование. Шанса за вложување, модернизирање, обучување на кадарот, опремување на училиштата и развивање на вештини кај учениците. Некој можеби ќе рече дека во училиште би се носеле маски и процесот би бил безбеден за разлика од кафичите и забавите, што е точно, но образованието е задолжително. Ризикувањето на своето здравје и на своите најблиски е непромислено.

Смиља Бошкова, СОУ„Добри Даскалов“-Кавадарци

Немам некои особени потешкотии со апликациите кои ги користиме за следење онлајн настава, но чувството не е исто како да си во училиште. Со онлајн настава нема простор за дискусии и дебати, а тоа многу ми недостасува. Проблем се јавува кога интернетот е слаб, часот се сведува на тоа „Дали се слушаме?“ „А сега ме слушате ли?“ „Ќе се обидеме утре повторно.“ и слично. Имаме лоша комуникација со професорите (што во нормални услови не е така) со оглед на тоа дека некои ученици не се чувствуваат слободно да прашаат што не им е јасно и потоа се соочуваат со потешкотии при пишување на домашната работа или учење на материјалот. Од друга страна, проблем прават и оние ученици кои не ја сфаќаат онлајн наставата сериозно и го реметат часот.

Ми пречи тоа што имаме испрашување за материјали кои не се доволно објаснети – наставниците не предаваат толку добро кога имаме онајн часови. Чувствувам главоболка и замор после петтиот час и забележувам проблеми со видот. Ми пречат оние родители кои велат како нивните деца постојано се пред телефон или компјутер и како ништо друго не прават. Не! Баш напротив, онлајн наставата е два пати потешка од обичната настава и бара многу повеќе напор и концентрација. Но барем не треба да брзаме за на училиште, сега училиштето е дома. Единствено би предложила да се селектираат најважните работи и да се предаваат на начин како што тоа го имавме пред изолацијата.

Колку и да ме загрижува ситуацијата со вирусот, не можам а да не помислам на образованието кое го заслужуваме, а не го добиваме. Образованието на младите е многу битна алка во општеството, за која, за жал, многу доцна почна да се размислува. Јас би одбрала следење настава од училница, само тогаш ќе бидам сигурна во своето знаење.

Марија Додовска, СОУ„Јосип Броз Тито“-Скопје

Онлајн наставата сама по себе си носи свои предности и маани, коишто секој од нас наоѓа сопствен начин да се приспособи кон тој начин на исполнување на обврската за следењето на истата. Исто како и сите, така и јас се навикнувам на новата ситуација која ми претставува оддеднаква и важна како и кога ја следев наставата од училишните клупи. Секако дека претстојат проблеми при вклучувањето на платформата, како и слабиот интернет, или забуна со некое друго “катче”, па понекогаш знаеме да влеземе во туѓа училница.

Ми се допаѓа начинот на кој можеме да се приклучиме, дали тоа е преку мобилен телефон, компјутер, лаптоп или некој друг паметен уред кој ни ја овозможува платформата и начинот на следењето на истата. А пак како маана го сметам долгото време поминато пред малите екрани. Тие заморуваат и причинуваат непријатности при следењето на програмата. Наставата би можела да се подобри преку поголема интеракција со учениците и професорите, бидејќи во моментов тоа е најбитниот начин кон подобро разјаснување и согледување на зададените лекции. Секако, би го додала и аргументот дека училиштата треба да имаат повеќе отворени денови за учениците да можат да доаѓаат и да прашуваат за нештото кое им претставува проблем. Искрено кажано, за ништо не би ја менувала училницата и “живата” комуникација помеѓу моите соученици.

Eлена Тимова, средношколка и волонтерка во Радио МОФ