Онлајн настан „Текстилна и модна индустрија“ во организација на Мрежата „Стела“

Овој четврток со почеток од 18 часот, ќе се одржи онлајн настанот „Текстилна и модна индустрија -Industria tekstile dhe e modes“, втора информативна средба во рамките на проектот „Поддршка на економско јакнење на девојките и жените во руралните средини“.

Во организација на Мрежата Стела, разговорот ќе е во фокус на кариерата и образованието во областа на модната и текстилната индустрија, а соговорнички ќе бидат Искра Џокиќ-Кецап, Елена Додевска и Амра Исмани.

Тие ќе зборуваат за нивната работа, личниот и професионалниот развој, улогата на формалното и неформалното образование, мотивацијата и менторството при градењето на нивните кариери во оваа индустрија. Дополнително, претставник од Министерството за труд и социјална политика ќе ги промовира активните мерки и можности за самовработување и отпочнување бизнис.

Присутните ќе имаат можност да ги споделат нивните интереси, да дискутираат за пречките и предизвиците со кои се соочуваат девојките и жените во градењето кариера и како локалните заедници може да се вклучат во нивно надминување.

Во текот на овие средби, Мрежата Стела ги забележува искуствата и сознанијата за економските потреби и предизвици на жените и девојките во руралните средини, кои потоа ќе бидат споделни со засегантите страни.

Разговорот со соговорничките и публиката ќе се одвива на македонски и албански јазик.