Онлајн настан – „Креативност и претприемништво. Поврзаност и важност”

Македонската развојна фондација за претпријатија утре (7-ми мај) од 10 до 12 часот организира онлајн настан насловен: „CreatINNES – Креативност и претприемништво. Поврзаност и важност”.

Како што соопштуваат организаторите, на настанот ќе се презентира и програмата „CreatINNES”, финансирана од Европската Унија, преку програмата Еразмус+. Зад CreatINNES, стои стратешко партнерство од шест европски организации од Бугарија, Германија, Франција, Унгарија и Северна Македонија. Наменета е за сите стартапи, фриленсери од креативната и културната индустрија, но и од сферата на дигиталните бизниси, информатичката и комуникациската технологија и други.

„Главната цел на овој настан е преку споделување искуства, добри практики и успешни примери од дома и од странство да покажеме како примената на креативните, дигиталните и претприемачките вештини може да придонесе за успешен развој на еден бизнис и за успех во секторот на креативна и културна индустрија. Реномирани домашни и странски експерти од Македонија, Германија и Бугарија ќе се обидат да инспирираат и поттикнат што поголем број студенти, фриленсери и бизнис почетници во секторот на креативната и културната индустрија да вложуваат во нови знаења и вештини. Затоа, агендата е подготвена да опфаќа актуелни теми, кои брзо ќе го привлечат вниманието на присутните, како: дизајн тинкинг (design thinking), визуелно брендирање, претприемништво, иновации и креативни вештини“, велат од Македонската развојна фондација.

Покрај Македонската развојна фондација за претпријатија од Скопје, коорганизатори на настанот се и: Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски”, Машинскиот факултет – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и Македонското научно друштво – Битола.

Повеќе информации може да најдете ТУКА, а сите заинтересирани да го следат настанот можат да се пријават на следниов ЛИНК. .